Стотици илјади луѓе се вакцинирани со една од четирите водечки кандидати за вакцина против вирусот корона што ја развиваат компании во Кина и кои се уште се во фаза на тестирање, пренесува агенцијата АП.

Тие се вакцинирани според неодамна донесената нова одредба дека е дозволено да се користат вакцини во итни ситуации. Кинеските компании привлекоа внимание бидејќи им дадоа вакцина против коронавирусот на нивните водечки директори и истражувачи пред да започнат тестови врз луѓе за да се провери нивната безбедност и ефикасност.

Во последниве месеци, тие ја дадоа вакцината на многу поголем број лица според одредбата за дозволена употреба во вонредни ситуации одобрена во јуни, и се чини дека тој број се повеќе расте.

Кинески здравствен функционер вчера изјави дека Кина, која во голема мера го искоренила ова заболување, треба да преземе чекори за да спречи нејзино враќање. Но, еден надворешен експерт ја доведе во прашање потребата за итна употреба кога вирусот повеќе не се шири во земјата каде што беше откриен за прв пат.

Сè уште не е јасно кој ја примил вакцината досега и колку луѓе се вклучени, но кинеските производители на вакцини даваат некои индикации.

CNBG, подружница на државната компанија „Синофарм“, вакцинираше 35.000 лица надвор од своите клинички испитувања со околу 40.000 лица, изјави неодамна еден од водечките директори на CNBG.

Друга компанија СиноВак вакцинираше 90 проценти од вработените и членовите на семејството, околу 3.000 луѓе, најмногу според одредбите за употреба во итни ситуации, изјави генералниот директор на компанијата, Јин Веидонг. Таа, исто така, даде десетици илјади единици од нејзината вакцина Корона ( КоронаВац) на градската влада во Пекинг.

Уште еден кандидат за вакцина, која заеднички ја развиваат војската и биофармацевтската компанија Кансино, доби одобрение за итна употреба: за воениот персонал.

„Првите луѓе кои имаат приоритет за употреба во итни случаи се истражувачи и производители на вакцини, бидејќи кога ќе дојде пандемија ако тие луѓе се заразени, нема начин да се произведе вакцина“, рече Јин.

Сега, големите кинески компании, вклучувајќи ги телеком гигантот Хуавеи и Феникс ТВ, објавија дека соработуваат со Синофарм за да добијат вакцина за своите вработени.

Според утврдената, но сепак ограничена практика, експерименталните лекови добивале дозвола за употреба кога сè уште биле во третата и последна фаза на испитувања врз луѓе. Кинеските компании имаат четири вакцини во третата фаза на испитувања, две од Синофарм и по една од СиноВак и Кансин.

Кинеската влада се повика на принципите за итна употреба на Светската здравствена организација, кога го воведе својот метод, применувајќи строг процес, изјави вчера на прес-конференција официјален претставник на Националната здравствена комисија Џенг Џонгвеј.

Тој рече дека нема сериозни несакани ефекти за време на клиничките испитувања на вакцините.

Според регулативите за итни случаи, висок ризичен персонал, како што се медицински и царински работници и оние кои треба да работат во странство, имаат приоритетен пристап до вакцината, рече тој. Тој одби да го соопшти точниот број на инволвирани лица.