Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Данска, Петер Мелер изјави дека лекарскиот тим на теренот извршил масажа на срцето кај репрезентативецот Кристијан Ериксен, кога тој падна на земја за време на денешниот натпревар против Финска на Европското првенство.

Тој изјави дека Сојузот е во контакт со Ериксен и дека фудбалерот на Интер е добро.

Мелер за данската телевизија ДР изјави дека Ериксен „падна, му беше укажана помош и доби масажа на срцето на теренот“, што подоцна се покажа како клучен потег за закрепнување на Данецот.

„За среќа, тој се разбуди кога го напушти стадионот“, рече претседателот на Федерацијата.

Натпреварот помеѓу Данска и Финска беше во прекин 90 минути, но продолжи од 43. минута.

Мелер изјави дека за играчите на Данска е важно Ериксен да биде добро пред да ја продолжат играта и дека сакаат да му оддадат почит со завршувањето на натпреварот.

Финска ја победи Данска со 1-0 во Копенхаген, во првото коло од групата Б.

Мартин Боесен, докторот на данската фудбалска репрезентација, раскажа што се случило во моментот кога фудбалерот на оваа селекција, Кристијан Ериксен, ја изгубил свеста за време на првото полувреме од натпреварот против Финска.

Ни се јавија од теренот, штом Кристијан се онесвести. Кога истрчавме до него, тој дишеше. Го проверивме неговиот пулс и тој го имаше. Сепак, тогаш одеднаш престанавме да го чувствуваме пулсот. Веднаш почнавме да интервенираме за да го одржиме жив. За среќа, тој остана со нас, изјави Боесен за данските медиуми.

Лекарот вели дека вештачкото дишење му го спасило животот на асот на Интер.

Лежеше неподвижен, па веднаш започнавме со вештачко дишење. Токму тоа вештачко дишење му го спаси животот. Многу ни помогна и докторот на стадионот, со чија помош му ги вративме свеста и пулсот на Ериксен – заврши Боесен.