На вработената во американската армија, која зарази 76 лица со Ковид-19 во Германија, и се заканува казна затвор од 10 години, пишува Дејли меил. 26-годишната Јасмин Адли од Флорида ја пренесе инфекцијата на 76 лица со посета на барови, иако знаеше дека е заразена.

Адли ги чекаше резултатите од тестот по неодамнешниот одмор во Грција, а за тоа време се забавуваше во Гармиш-Партенкирхен, иако веќе имаше болки во грлото.

Во пораките до кои дојде Дејли меил, Адли им се заблагодарува на своите колеги за доаѓањето на забавата, но исто така вели дека не знаела во тоа време дека е заразена.

Поранешен вработен вели дека Адли работела во Еделвајс Лоџ рисорт пред нејзиниот тест да потврди дека е заразена со коронавирусот и таму организирала конференција за американската војска за спречување на инфекција со Ковид-19.

Истиот вработен, исто така, вели дека не треба да се обвинува само Адли, туку и хотелот кој негувал „култура на прикривање“ поради што се заобиколени правилата за карантин.

Адли сега се соочува со затворска казна затоа што зарази најмалку 76 лица и изложи на вирусот уште 710 од нив по враќањето од одмор во Грција.

Во вторникот беше објавено дека се регистрирани уште три случаи на инфекција со коронавирус меѓу редовните гости на локалите, кои исто така ги посетила Адли.

Тоа одморалиште е всушност центар за рекреација на американската армија (АФРЦ) што го користат американските војници и нивните семејства.

Адли го посети барот Пичес на 3 септември, а ден подоцна ирскиот паб во Гармиш.

Ноќта кога го посети барот Пичс, Адли имаше блиски контакти со многу луѓе, ги прегрнуваше и ги бакнуваше и не се чувствуваше добро на пат кон дома.

По враќањето од Грција, таа исто така работела во хотел, ги служела гостите во хотелско кафуле и организирала конференција до денот кога добила позитивен тест.

Интересно е што темата на конференцијата што ја организираше беше токму спречувањето на ширењето на инфекцијата меѓу американските војници.

Одморалиштето сега е затворено за период од две недели.

Гувернерот на Баварија, Маркус Седер, го нарече избувнувањето на инфекцијата во Гармиш-Партенкирхен како “пример на глупост“ затоа што Американката продолжила да се забавува и покрај тоа што имала симптоми и чекала на резултатите од тестот.