Десетици илјади Британци, и покрај антикорона-мерките и барањата на владата, ги окупираа плажите во Борнмаут и другите делови на брегот на Дорсет и никој не ја почитуваше социјалната дистанца, јавуваат британските медиуми.

Локалните власти велат дека биле принудени итно да реагираат на насобраните луѓе на плажите, на сообраќајниот метеж и на насилството, затоа што тимовите за собирање отпад требало да ги бранат чувари.

„Многу луѓе решија да бидат неодговорни и опасни. Направивме таков напредок во борбата против оваа пандемија и не би сакал да видам дека Борнмаут станува место од каде почна вториот бран“, рече пратеникот Тобијас Елвуд за Гардијан.

Тој побара од министерот за полиција да обезбеди дополнителни сили на тоа место, доколку се појави потреба.

Шефицата на локалната полиција Сем де Реја изјави дека луѓето треба да ги избегнуваат плажите, со оглед на пандемијата.

„Јасно е дека сè уште сме во јавноздравствена криза и толку големиот број луѓе во мала област дополнително ги оптоваруваат ресурсите на службите за итни случаи“, рече таа за Би-би-си.

„Не е важно што правиме ние, кога овие глупави идиоти ќе ги игнорира правилата“, напиша на Твитер Вики Слејд, лидерката на либералдемократите во Советот на Борнмаут, која оправдано го опиша однесувањето на ордите што топлинскиот бран ги донесе во нејзиниот град како „одвратно“, вели британски Индипендент.


Напишете коментар