Љубовта и сексот во Јапонија изгледаат како жива мака, во време кога бројот на новороденчиња вртоглаво опаѓа, а бројот на самци упорно расте.

Марико е загрижена за сексуалниот живот на својата пријателка. 

„Таа сака дете, но таа и нејзиниот сопруг немаат секс“, вели 44-годишната жена.

„Сопругот обожува видео игри и храна, но не е заинтересиран за секс“, го пренесува Марико она што ѝ го кажала нејзината пријателка Јоко.

Ниту Марико нема сексуален партнер, иако долго време поскаува да има сопруг и дете. Таа и Јоко не се единствените со вакви проблеми во Јапонија, каде има сè помалку романтични врски, а популацијата старее побрзо отколку во било која друга индустриска земја во светот.

Сè повеќе самци

„Околу 25 отсто од денешната младина во Јапонија веројатно ќе останат сами и невенчани цел живот“, вели професорот Масахиро Јамада од универзитетот Чуо.

Тој во една прилика го употребил изразот „паразитски самци“ за да ја опише возрасната популација која не е во брак и живее со своите родители на нивен трошок.

Уделот на самците во населението драматично се зголемило во последните 30 години, а резултатот од тоа е нација со неславна репутација ослободена од секс.

Една студија на универзитетот во Токио покажала дека секоја четврта жена и секој трет маж во доцните 30-ти се самци. Половина од нив не биле заинтересирани за хетеросексуални односи, утврдило истражувањето.

Јапонските медиуми редовно известуваат за порастот на невиноста и за наводниот пад на интересот за сексуални односи и врски помеѓу младите.

Губење на либидото или посложен проблем?

Дали тоа наводно губење на либидото е виновно за ниската стапка на наталитет во Јапонија? Научниците велат дека проблемот е многу посложен.

„Јапонија е опседната со традиционалната слика за семејството“, вели Јамада кој има напишано книга за младите и конзервативните вредности.

Многу млади Јапонци тежнеат да ги исполнат традиционалните родови улоги во кои мажот е оној кој заработува, а жената се грижи за домот и децата.

Во раните 90-ти години, на младите жени им било полесно да најдат маж со добро платена работа. Деновиве, во светло на тешката економска ситуација во Јапонија, тоа повеќе не е толку лесно.

Сепак, вели Јамада, традиционалниот идеал на мажот како единствен хранител на семејството сè уште е ценет. Како резултат, многу млади Јапонки продолжуваат да живеат со своите родители и чекаат да го пронајдат оној вистинскиот.

„Сепак, голем број од нив никогаш нема да го пронајдат тој идеален партнер“, вели професорот. Затоа многумина остануваат сами.

Во 2015 година, научниците од универзитетот во Токио избројале 2,2 милиони повеќе сингл жени и 1,7 милиони повеќе сингл мажи на возраст помеѓу 18 и 39 години отколку пред 20 години.

„По 30-те години од животот вие сте во брак или сте самец“, изјавил Питер Уеда, епидемиолог од универзитетот во Токио.

„Ретки се оние кои живеат во вонбрачни заедници. Затоа е разумно да се претпостави дека социјално најприфатливиот облик на односи помеѓу возрасните е всушност пречка за создавање романтични врски во Јапонија“, напишал Уеда во списанието „PLOS ONE“.