Швајцарската економија годинава ќе претрпи најголем пад во последните неколку децении, бидејќи пандемијата на коронавирусот тешко ги погоди производството и работните места, соопшти швајцарската Влада, но исто така истакна дека падот ќе биде помал од очекуваниот и ќе изнесува 6,2 проценти.

Ова е најголем пад на швајцарскиот БДП од 1975 година, кога земјата беше погодена од последиците од нафтената криза. Стапката на невработеност, исто така, се очекува да се искачи на 3,8 проценти, бидејќи страда надворешната трговија, личната потрошувачка се намалува, а компаниите допрва ќе излегуваат од мерките и забраните што им беа наметнати за да се запре ширењето на ковид-19.

Новата прогноза на Владата, сепак, е подобрена во однос на падот од 6,7 проценти што го прогнозираа швајцарските владини економисти во април и е поповолна од очекувањата за другите европски земји. ОЕЦД предвидува пад од 11,5 проценти за Велика Британија, 11,4 за Франција и 11,3 отсто за Италија.

Затворањето на Швајцарија за да се спречи ширењето на коронавирусот беше поблаго отколку во другите земји, додека големиот фармацевтски сектор во земјата остана успешен.


Напишете коментар