Акциите на Твитер паднаа скоро четири проценти откако оваа социјална мрежа трајно го затвори профилот на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп.

Ова резултираше со тоа цените на акциите на Твитер сега да се вредни 49,54 УСД, што е за 3,77 проценти помалку од цената на акциите пред затворањето од 51,48 УСД во петокот попладне.

Профилот на Трамп беше привремено суспендиран во средата, откако избувнаа немири во Капитол. Сепак, откако повторно беше активиран во четвртокот, Трамп продолжи со вообичаените твитови во кои рече дека неговите поддржувачи „ќе имаат силен глас во иднина“ и напиша дека „нема да присуствува на инаугурацијата на Бајден“.

Овие негови твитови беа окарактеризирани како продолжение и поттикнување говор на омраза, по што Твитер трајно го отстрани профилот @realDonaldTrump кој имаше повеќе од 88 милиони следбеници.

Основачот на Фејсбук Марк Цукерберг исто така објави дека оваа социјална мрежа и Инстаграм ќе ја продолжат суспензијата на профилите на Трамп во следните две недели се додека не заврши инаугурацијата на Бајден, пишува Фокс Бизнис.