Светската туристичка организација објави податоци според кои загубите предизвикани од пандемијата на коронавирус се три пати поголеми од загубите од светската економска криза во 2009 година.

Поради пандемијата, меѓународниот туризам забележа загуба од 320 милијарди долари и пад од триста милиони туристи.

Најновото издание на Светскиот барометар за туризам, издадено од Светската туристичка организација, објави дека ограничувањето на движењето, воведено како одговор на пандемијата, довело до пад од 98 проценти на туристите во мај во однос на истиот период лани.

Исто така, има пад од триста милиони туристи и загуба од 320 милијарди долари, што е за три пати повеќе од загубата предизвикана од светската економска криза во 2009 година.

Генералниот секретар на Светската организација за туризам, Зураб Пололикашвили, рече дека новите податоци покажуваат колку е важно да се покрене повторно туризмот на најбезбеден можен начин што е можно поскоро.

Драматичниот пад на меѓународниот туризам ги става во ризик милиони луѓе да останат без средства за живот, вклучително и оние во земјите во развој. Владите во сите делови на светот имаат двојна одговорност – да го направат јавното здравство како приоритет, но и да ги заштитат работните места – рече Пололикашвили.

Во исто време, Светската организација за туризам забележува знаци на постепено и претпазливо менување на трендот, што е најзабележливо во северната хемисфера, поради отворањето на границите меѓу земјите членки на Европската унија на 1 јули.


Напишете коментар