Седум милиони жители на австралиската држава Викторија влегуваат во нова, четврта блокада од четвртокот навечер откако вирусот започна повторно да се шири.

Бројот на заразени се зголеми двојно преку ноќ. Како главни виновници за ширењето на инфекцијата се сметаат бавната вакцинација на населението и ширењето на вирусот и покрај хотелскиот карантин, пишува Ројтерс.

Премиерот на Викторија Џејмс Мерлино пред новинарите во Мелбурн изјави дека од полноќ на граѓаните ќе им биде дозволено да ја напуштаат куќата само поради итни обврски, одење на лекар, шопинг и рекреација. И училиштата и верските институции ќе бидат затворени. Заклучувањето ќе биде воведено за период од седум дена.

Последниот ден видовме докази дека станува збор за исклучително заразен вид на коронавирус, варијанта која е загрижувачка и се шири побрзо отколку што забележавме порано, рече Мерлино.

Тоа е сојот Б1617, кој за прв пат беше идентификуван во Индија. Вирусот го донел во Викторија повратник од странство, кој бил негативен во карантин во Јужна Австралија. Заврши 14-дневниот карантин, кој патниците во Австралија мора да го извршат. Шест дена по враќањето во Мелбурн доби симптоми и беше тестиран.

Ограничен број луѓе ќе смеат да се собираат во јавноста и во домаќинствата, а во вторникот тие се вратија на обврската да носат заштитни маски. Многу жители побрзаа кон супермаркетите за да ги снабдат домаќинствата со потребните намирници пред новата блокада, а доста од нив влегоа во автомобили и заминаа во Сиднеј.

Во споредба со податоците во остатокот од светот, 26 нови случаи не се многу, но има неколку фактори кои ги натераа властите во државата Викторија да воведат строги мерки.

На најмалку 150 локации, луѓето би можеле да бидат изложени на новиот вид на вирус. Следењето на контактите открило дека за 10 000 примарни и секундарни контакти веројатно ќе треба самоизолација, но Мерлино посочи дека тој број може да се промени.

Експертите посочуваат дека на епидемиолозите им е потребна блокада за да можат да ги проверат сите контакти на заразените, но и нивните контакти со цел што побрзо да се потисне ширењето на вирусот.

Тие се многу ефикасни, имаме одличен систем. Ако една личност добие позитивен тест, одиме кај сите членови на домаќинството, ги тестираме и ги ставаме во карантин, а потоа ги контактираме нивните блиски контакти и нивните контакти, рече Кетрин Бенет, раководител на епидемиологија на Институтот за здравствена трансформација во Мелбурн.

Државните власти посочуваат дека бавната вакцинација е делумно виновна за новото заклучување.

Ако повеќе луѓе беа вакцинирани, денес ќе имавме друга ситуација. За жал, ја немаме, рече премиерот Мерлино.

Ова е четврта блокада во Мелбурн од почетокот на пандемијата. Вториот по големина град во Австралија имаше најтешка состојба во целата земја минатата година, и тие успеаја да го контролираат ширењето на вирусот по четири месеци строги ограничувања во секојдневниот живот.

Илјадници луѓе низ градот веќе се во самоизолација, а како што се покажа, новозаразените биле посетители на два фудбалски натпревари, неколку ноќни клубови и една реконструкција на средновековна битка. Експертите претходно посочија дека бавниот процес на вакцинирање ја направи нацијата ранлива, а виновникот за новото ширење е хотелскиот карантин од каде 17 пати започна ширењето на вирусот за шест месеци.

Населението од 25 милиони луѓе во Австралија досега примило само 3,8 милиони дози вакцина, а дополнителни пратки ќе пристигнат во наредните недели. Во Австралија, 910 луѓе починале од вирусот ковид 19 од почетокот на пандемијата и имало 30.000 случаи, од кои повеќето биле во Викторија за време на вториот бран.