Во моментов најактуелниот фудбалер во нашата држава Елиф Елмас ги достигнува своите врвни резлутати. Секој пат на секој фудбалер е приказна посебна за себе . Па така и неговата си има свој сјај кој што му донесе да биде она што е денес.

За него сонуваа Вардар и Шкендија, го бараа речиси сите балкански џинови, но и моќници како Челзи, Манчестер Сити, Бенфика… Крај Босфорот пристигна тивко, го пречекаа само неколку новинарски екипи, кои го фотографираа и земаа куса изјава. Ништо во споредба со фештите кога доаѓаат големите ѕвезди на европскиот фудбал. Неколку месеци подоцна, тој вреди повеќе од 20 милиони евра. Не е лошо за момче од нашето маало, зарем не.

Затоа, во целата приказна за македонскиот вундеркинд, кој срамежливо се пробива во ерата на еден Нејмар, Мбапе, Дембеле, има нешто поразлично, нешто што нè допира и ни го прави далеку поблизок. Не само дека е наш, Македонец. Има и нешто друго. Неговиот пат е посебен, не само поради рекордите што ги урива во сите возрасни категории во дресот на Македонија, наградата за најдобар млад фудбалер на Македонија или поради белегот што го остави во Работнички…туку затоа што Елиф е маалско дете, еден од нас, обичните.

Да дебитираш во сениорски национален тим на 17 години одземајќи му топка на Иниеста на средина на терен, само што си влегол во игра… е тоа, каде се учи? На тренинг? Тешка работа. На тренинг во познат клуб, во добра школа, со добра инфраструктура, академија, во Ла Масија? Не. Тоа не ве учат таму. Таму ве учат да играте фудбал. Не ве учат да победувате, не ве учат да „гинете“ на терен.

Страста за фудбал треба да се собира по малку и на улица, на физичко, на термин, во школски двор. Е, таков е Елиф. Подеднакво да мразиш да губиш на дебито за Македонија против Шпанија исто колку и на дебито за ФК Бутоп против Радишани дечки. Напорно да тренираш, да ги почитуваш и да си добар со сите. Едноставно да те сакаат сите во населбата и да се гордеат со тебе како да си нивнот дете. Тоа е вистинскиот Елиф Елмас, повремениот член на ФК Бутоп. Херојот од нашето маало!

А, токму маалската екипа во која почна да игра ѕвездата на Фенербахче и уште еден куп други слични на неа се вистинскиот расадник низ кој македонскиот фудбал треба да ги бара своите идни ѕвезди. ФК Бутоп постои десет години, има одиграно 310 натпревари со 179 победи и 1.729 постигнати голови. И еден освоен трофеј. Овој маалски тим е само пример за големата љубов која постои на нашиов простор за играта со популарната бубамара.

Ваквите тимови се непресушен извор за играчи кои потоа не мора да ги достигнат височините на Елмас, но дефинитивно може да си најдат место под ѕвездите, барем на нашата сцена. Тие воедно се доказ дека најчиста форма на фудбалот е таа каде што парите немаат никакво значење. А, примерот со малиот Елиф треба да биде само потстрек за домашните клубови почесто да ги посетуваат маалските теренчиња во потрага на таленти.

Бидејќи никогаш не знаете каде ќе се појави следниот дијамант.


Напишете коментар