Чудни се односите на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев. Денес претседателот на државата не го потпиша указот за прогласување на законот кој популарно се нарекува закон за легализација на дивоградбите. Според Пендаровски тој се одлучил на ваков чекор по големите реакции во јавноста и по правната проценка дека законот е во спротивност со темелните уставни вредности на државата.

И сега се доаѓа до суштината на работите. На ваквата одлука на Пендаровски реагираше вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски. Според Николовски дивоградбите кои биле опфатени со законот за легализацијата на дивоградбите не треба да се рушат, бидејќи на тој начин 50 илјади граѓани ќе останеле без кров над главата. И додава дека СДСМ и владата ги штитат сиромашните и ранливите граѓани и затоа бил донесен законот за легализација на дивоградбите.

Значи со законот биле опфатени 50 илјади граѓани. Толку гласачи на Заев не можат да му донесат ниту две Беси. Можете да претпоставите каква кампања може да се прави со таква армија на гласачи на изборите? Заев на лидерската средба со Мицкоски отиде со две барања-клиничкиот центар и овој закон за легализација на дивоградбите. За возврат му помогна на Мицкоски да остане на чело на ВМРО ДПМНЕ.

Сега со непотпишувањето на указот за прогласување на законот Пендаровски ја руши кампањата на Заев за локалните избори. Тешко дека СДСМ ќе се согласи да остане без таква кампања и потенцијална жетва на гласови на локалните избори, така што за верување е дека со козметички измени повторно ќе биде усвоен овој закон и тогаш Пендаровски ќе нема право да не го потпише указот освен да примене некоја форма на џебно вето, да одолговлегува со процедурата, но тогаш тоа би значело ескалација на можниот конфликт со Заев.

Тоа е суштината на игрите околу овој закон, се друго се периферни прашања. Со легализацијата на дивоградбите Заев сака да трча на локалните избори.