Најисплатливата долгорочна инвестиција во едно општество е инвестирањето во образованието. За да имаме стабилна демократија, за да имаме идни генерации на демократи, мораме да вложуваме во образованието, кое е втемелно во демократските вредности, изјави претседателот Стево Пендаровски на инаугурацијата на Претседателскиот центар за политичко образование.

Токму тоа, како што рече, го поттикнало да започне ваква иницијатива, која ја смета за еден од клучните проекти во својата програма.

„Верувам дека со работата на центарот ќе придонесеме за промоција на културата на дијалог и ќе влијаеме во реформата на образованието преку сеопфатно вклучување на политичкото образование во нашоиот формален и неформален образовен систем“, изјави Пендаровски.

Тој изрази уверување дека водени од визијата за јакнење на демократијата, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција и солидарност заеднички ќе ја постигнеме целта.

„Македонското општество се одликува со висока конфликтност и со поделби по повеќе основи. Легитимните политички разлики како суштински елементи на политичкиот плурализам наместо да бидат основа за отворен и конструктивен политички дијалог, за жал, станаа причина за длабока нетрпеливост и пречка за соработка меѓу политичките субјекти во исполнување дури и на нашите клучни државни приоритети“, изјави Пендаровски.