Министерството за одбрана на САД има намера да одвои скоро 18 милијарди долари за развој, производство и одржување на нови системи за заштита на земјата од нуклеарни ракети од Северна Кореа или Иран, пренесува Блумберг. Новите системи се очекува да бидат во функција „најдоцна до 2028 година“.

Проектот е прв од ваков вид и размер за администрацијата на претседателот Џо Бајден. На екипите предводени од Локид Мартин Корп. и Нортроп Груман Корп. ќе им бидат обезбедени вкупно 13,1 милијарди долари за развој на системи за следење ракети од новата генерација.

Конкуренцијата меѓу нив ќе заврши, „можеби до 2026 година“ по „критичкиот преглед на проектите“. Потоа ќе биде утврден победникот. Планирано е да се создадат 31 систем, вклучително и 10 за тестирање.

Пентагон проценува дека фазата на производство ќе чини 2,3 милијарди долари, како и трошоците за долгорочна техничка поддршка. „Во моментов сме фокусирани на фазата на технолошки развој“, рече Марк Рајт, портпарол на Агенцијата за ракетна одбрана.

Според него, следната генерација на пресретнувачи ќе биде пуштена во употреба „најдоцна до 2028 година“. Тие ќе бидат лоцирани на Алјаска. Цената на секој од системите се проценува на приближно 498 милиони долари, пишува Блумберг.