Полицијата во Техеран, главниот град на Иран, уапси пет лица обвинети за продажба на лажна вакцина против новиот вид коронавирус (COVID-19), јавува Агенцијата Анадалија.

Според иранската новинска агенција ИСНА, началникот на полицијата на западен Техеран, Мухсин Ханјерли, потврдил дека е разбиена криминална група која продавала лажни вакцини против КОВИД-19. Тој посочи дека во полициската акција се уапсени пет лица.

Тој изјави дека криминалната група ја продала вакцината под името „Ремдесивир“, и наплатила приближно 450 милиони риали (околу 2.000 долари) за секоја вакцина. Тој додаде дека оваа криминална група во Техеран продала 52 лажни вакцини, со што се стекнала со материјални корист од околу 100.000 американски долари.

Предупредувајќи ги граѓаните за можни измамници, Ханјерли рече дека шест лица кои ја купиле лажната вакцина починале, а лекарите официјално треба да ја утврдат причината за нивната смрт. Претходно, во Техеран беше уапсено и лице кое продавало лажна вакцина против КОВИД-19 на социјалните мрежи.