Во време на економска криза, „не можеме да си дозволиме да седиме со скрстени раце“, рече во четвртокот идниот американски претседател Џо Бајден , истакнувајќи го неговиот сеопфатен план за економско закрепнување од 1,9 трилиони долари за да им помогне на домаќинствата и деловните субјекти.

Очекувајќи критики дека новиот план ќе ја зголеми задолженоста на земјата и ќе ги оптерети јавните финансии, избраниот претседател истакна дека „враќањето инвестиции во вработувањето и расната еднаквост ќе спречи економска штета на долг рок“.

„Придобивките ќе бидат многу поголеми од трошоците на тој план“, додаде тој.

Пакетот помош, наречен „план за спасување“, откри Бајден, треба да ги извлече Соединетите држави од најголемата криза по 30-тите години на минатиот век. Планот ќе биде придружуван во наредните недели со инвестициски план за започнување на економска активност.

Сепак, членовите на Конгресот сега треба да бидат убедени да одобрат 1,9 трилиони долари за планот за итно закрепнување. Републиканците би можеле да се спротивстават, иако пролетва гласаа за план вреден 2,2 трилиони долари за помош на републиканскиот претседател Доналд Трамп.

Планот предвидува дека Американците ќе добијат уште еден чек од 1.400 долари по лице во зависност од приходот. Во текстот се споменува и продолжување на мораториумот за раскинување на договорот за изнајмување стан и намената на недвижен имот и зголемувањето на помошта за храна.

Бајден исто така сака да го забрза тестирањето и вакцинацијата против Ковид-19 за да може да продолжи економската активност.

Избраниот претседател исто така се надева дека пратениците ќе прифатат зголемување на минималната плата од сегашните 7,25 долари на 15 долари на час, што е двојно повеќе.

Предвидува средства што ќе им овозможат на локалните и на националните власти да ги зачуваат работните места на полицајците, пожарникарите и вработените во јавното здравство.

Таа мерка може да ги налути републиканците во Сенатот кои блокираа каков било план за економска помош што вклучува финансирање на локалната самоуправа кон крајот на 2020 година.

Зголемувањето на данокот предвидено во неговата предизборна програма за најголемите компании во земјата и за физички лица кои заработуваат повеќе од 400.000 УСД годишно сè уште не се споменува.