Двајца колумбиски атентатори, Каичедо Бандоја Хуан Давид (29) и Костана Каса Хозе Александар (43), кои беа уапсени од црногорската полиција, повеќе од четири месеци престојувале Хрватска каде чекале инструкции!

Тие, влегле во Хрватска во март, а нелегално преминале во Црна Гора кон крајот на јули, каде биле уапсени. За време на сослушувањето, на иследниците им било кажано дека биле во Хрватска скоро четири месеци, чекајќи да дознаат која е нивната мета за егзекуција!

Инспекторите претходно имале оперативни информации дека тие подготвуваат убиство, што подоцна беше потврдено при сослушувањето на двајцата Колумбијци.

За убиства се ангажираат професионалци и криминалци кои се добро платени и ретко грешат. Во војната меѓу двата најмоќни клана на Балканот од 2015 до денес се убиени повеќе од 50 лица. Кавачкиот и Шкаљарскиот клан своите имиња ги добиле по предградијата на Котор, градот од каде потекнуваат нивните водачи.

Во убиствата, досега, најчесто се користеле платени убијци и професионалци од регионот. По завршената работа тие најчесто се кријат во Хрватска со лажни документи. Митар Марковиќ (25) и Петар Лаличиќ (20), кои се криеле во Шибеник, по убиството на Богдан Милиќ, кон средината на минатата година, имале фалсификувани хрватски пасоши.

Најинтересното апсење на еден платен атентатор, за кое се верува дека бил ангажиран од Кавачкиот клан, се случи во 2015 година во Котор. За време на рутинската сообраќајна контрола, беше уапсен Грегори Мајкл Ферарис кој заедно со соучесникот Александар Марковиќ од Цетиње се подготвуваа за убиство на Горан Ѓуричковиќ кој беше еден од главните босови на Шкаљарскиот клан.

Кај Ферарис, полицијата пронајде фотографија од неговата мета, а на сослушувањето тој признал дека е ангажиран за убиството на Ѓуричковиќ.

Јужноафриканецот, кој имаше 24 години во моментот на неговото апсење, им рече на обвинителите дека го запознал Александар Марковиќ, член на Кавачкиот клан, во кампот на Легијата на странците во Франција.

Марковиќ му понудил 50.000 евра за ликвидацијата на Ѓуричковиќ што тој ја прифатил, изјави Ферарис пред обвинителите.

Ферарис пристигна во Црна Гора и во Будва чекаше да ја заврши работата. Тој изјави дека Марковиќ му рекол дека неговата мета, Горан Ѓуричковиќ е вмешан во кражба на 200 килограми кокаин во Шпанија во 2014 година, што беше и причината за почетокот на војната меѓу двата клана.

Тој ми рече да го пукам најмалку пет пати во него за да го убијам и со таквото убиство да се испрати порака до сите што се бават со трговија со дрога во Црна Гора, изјави Ферарис во истрагата.

Тој им рече на обвинителите дека Марковиќ го информирал дека Кавачкиот клан за едно убиство ангажирал американски платеник кој штотуку се вратил од Ирак.

Ферарис во 2016 година беше осуден на пет години затвор за кривично дело создавање криминална организација, а во април 2020 година му беше изречена условна казна и беше депортиран од Црна Гора во Јужна Африка.

Неговата мета, Горан Ѓуричковиќ, живееше само пет месеци по апсењето на Ферарис. Тој беше убиен во октомври 2015 година со три истрели од снајпер додека седеше во своето кафуле во Будва.

Срѓан Поповиќ од Република Српска, кој беше уапсен во Австрија летото 2018 година, беше обвинет за неговото убиство. Медиумите тогаш објавија дека тој бил обучен и трениран за ракување и користење снајперско и друго оружје и за прецизно пукање од пиштол и во ноќни услови.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *