Владата ги усвои протоколите што ги предложи Комисијата за заразни болести, а кои се однесуваат на работата на базените и на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19.

Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите кои се однесуваат на сите вработени лица и посетителите за лична заштитна опрема на лицето која што ги покрива пределот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нето површина.


На плажите е задолжително меѓу индивидуалните чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, растојание од 1,5 – 2 метри помеѓу лежалките поставени под соседни чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и после користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.
Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа), и задолжително е одредувањето лица кои ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките.

Владата денеска донесе и измени и дополнувања на протоколите за работа на кафулињата и на угостителските објекти за исхрана со кои се укинуваат ограничувањата за седење на две лица на една маса, како и ограничувањето со кое се определуваше дека на една маса можат да седат четворица само ако се од исто семејство.

На седницата беше заклучено Комисијата за заразни болести да го разгледа прашањето за давање дозвола за транзит со приватно возило низ територијата на Северна Македонија за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кое не беше опфатено со мерките за државјаните на овие земји.

Владата ја разгледа и усвои Информација за можноста на Република Северна Македонија да се приклучи кон глобалната набавка на вакцини за КОВИД-19, преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефикасни вакцини за КОВИД-19, и го овласти министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да ја потпише необврзувачкатa изјава за намери за приклучување кон COVAX механизмот, и да учествува во дискусиите за консултации за дизајнот и принципите на работа на механизмот, што ќе се одржат во текот на овој месец.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *