Лидерот на ДУИ Али Ахмети е повикан од Специјалното Обвинителство во Хаг.

Оваа информација за Телевизија 21 ја потврди самиот Али Ахмети.

Да тоа е вистина. Јас бев поканет од Специјалното Обвинителство во Хаг, изјави Ахмети за ТВ21.

Минатата недела, четири дена во Специјалното Обвинителство во Хаг беше сослушуван Претседателот на Косово, Хашим Тачи. Тачи заедно со Кадри Весели, лидер на Демократската партија на Косово, поранешен Претседател на косовското Собрание и шеф на косовската разузнавачка служба во периодот од војната 1999 година до 2008 година, се теретат за тешки обвинувања.

Жртвите на злосторствата во обвинението се стотици лица чиј идентитет е познат, вклучувајќи ги и косовските Албанци, Срби, Роми и други националности, како и политички противници. Обвинението е резултат на долги истраги и се одразува на верувањето на обвинителството дека може да ги докаже сите обвиненија, се наведува во објавата на Специјалното обвинителство.

Од ТВ21 велат дека засега нема информации во кое својство Ахмети е поканет од Специјалното Обвинителство во Хаг и дали тоа има било каква врска со сослушувањето на Тачи.

Специјалното обвинителство на Хаг издаде обвинение на 24 јуни, поднесено до судот два месеци порано, со обвинение за Тачи, како и за лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели и други припадници на ОВК за голем број злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување, прогон и мачење.

Сега е на обвинителот и судијата да одлучат за моето сведочење. Верувам дека ќе имам фер и непристрасен судски процес за тоа што сведочев. Дека не сторив никаков криминал и дека војната на ОВК е праведна војна за слободата на Косово, изјави Тачи по враќањето од Хаг.

Појавувањето на Тачи во Хаг, како и најавата на Ахмети дека е поканет од Специјалното Обвинителство во Хаг се случува во интересен временски период. Поради покренатото обвинение Тачи мораше да ја откаже договорената средба со српскиот Претседател, Александар Вучиќ во Белата Куќа, а поканата за Али Ахмети доаѓа во период на најрадикални барања на ДУИ за состав на новата македонска влада по изборите.


Напишете коментар