Списанието Форбс додаде 18 нови милијардери на својата позната листа на 400 најбогати Американци, меѓу кои е и основачот на видео конференциската платформа Зум и генералниот директор на компанијата за производство електрични камиони Никола.

И покрај пандемијата и економската криза во САД, богатството на најбогатите Американци продолжи да расте и во 2020 година.

Форбс наведува дека нивното вкупно богатство е 3.200 милијарди долари, осум проценти повеќе од минатата година.

Трета година по ред, сопственикот на Амазон, Џеф Безос е прв на списокот со лично богатство проценето на 179 милијарди долари, пред основачот на Мајкрософт Бил Гејтс (111 милијарди долари) и основачот на Фејсбук Марк Зукерберг (85 милијарди долари).

Меѓу новодојдените е Ерик Јуан сопственик на Зум, кој ја искористи популарноста на неговата програма, во услови на карантин поради пандемијата, и акциите на неговата компанија скокнаа за повеќе од 400 проценти на Волстрит од почетокот на годината. Јуан и неговото семејство сега поседуваат 11 милијарди долари.

Според Форбс, извршниот директор на Никола, Тревор Милтон има имот вреден 3,3 милијарди долари. Компанијата објави стратешко партнерство со Џенерал моторс во вторникот.

Алис Шварц (2,2 милијарди долари), ко-основач на Био-Рад лаборатории, влезе на списокот на Форбс на возраст од 90 години, односно 70 години по основањето на компанијата.

Био-Рад, кој произведува тестови за Ковид-19, бележи голем раст од почетокот на пандемијата.