Претседателите на кошаркарските федерации на Албанија и Косово се договорија да формираат заедничка лига во кошарка, бидејќи договорот меѓу двете федерации е формализиран во Тирана.

Според Косово онлајн, по многу преговори, синоќа во Тирана бил потпишан договорот за обединување на двете лиги. Во оваа лига ќе учествуваат осум екипи, четири најдобри екипи од Косово и Албанија.

Албанскиот премиер Еди Рама на својот профил на Фејсбук објави дека формирањето на заедничка лига во кошарка е долгорочен сон кој се оствари.

Единствената лига во кошарка е само првиот чекор, бидејќи уште многу други слични соработки ќе се случат и во другите спортови, напиша Рама.

На овој начин, нашите деца, браќа со иста крв, ќе имаат можност да се сретнат и да соработуваат преку спортот уште од првите чекори во животот – рече Рама, а на состанокот присуствуваше и претседателот на ФИБА Европа, Тургај Демирел.