Поранешниот активист на Демократскиот сојуз на Косово од Малишева, Цен Деску, ги повлече обвинувањата против поранешниот претседател на Косово и еден од лидерите на ОВК, Хашим Тачи, за кого до неодамна тврдеше дека е одговорен за неговото апсење и киднапирање за време на војната.

Деску во сведочењето пред УНМИК и мисијата за верификација на ОБСЕ го обвини Тачи за апсењето и киднапирањето за време на војната, а сега тој вели дека Тачи немал никаква врска со тој настан и тврди дека УНМИК ги фалсификувал неговите изјави, пренесува Економија онлајн.

Деску првично рече дека бил киднапиран од шест лица во октомври 1998 година и дека бил незаконски притворен еден месец во селото Седлар во близина на Липљан.

Знам кој не запре, имињата на тие луѓе се познати. Не познавав двајца од нив, но другите ги познавав. Никој од нив не ме уапси. Ниту Хашим Тачи. Поминав еден месец во Седлар. УНМИК ја фалсификуваше мојата изјав, тврди сега Деску.

Економија онлајн наведува дека во текот на 2017 година Деску се состанал со Тачи три пати и дека тие „разјаснија некои недоразбирања од војната“, пренесува Косово онлајн.

Приштинската Газета инсајдери објави истрага за „Сомнителното затворање на истрагите за воени злосторства против Хашим Тачи“, во кое се споменуваат сведочењата на Цен Деску и Јакуп Кастрати дадени на обвинителите на УНМИК.

Во овој случај, ЕУЛЕКС започна истрага против Тачи, но тој беше затворен од обвинителот Реџат Милаку, тврдејќи дека жртвите Цен Деску и Јакуп Кастрати го повлекле сведочењето дадено на УНМИК.