Маурицио Покетино е изборот на  францускиот фудбалски првак ПСЖ за нов тренер. Најавите се дека преговорите ќе бидат комплетирани во следните неколку часа и Покетино најдоцна до вечерва и официјално ќе биде промовиран во предводник на „светците“.

Аргентинецот е без ангажман откако беше отпуштен од Тотенхем во ноември 2019 година. Во меѓувреме тој беше поврзуван со Јувентус и со Реал Мадрид, но Покетино никогаш не ја криеше желбата да се врати во ПСЖ, клубот за кој има настапувано како играч од 2001 до 2003 година, играјќи 70 натпревари за „светците“ и притоа постигнувајќи четири погодоци.

Преговорите меѓу двете страни се веќе стартувани, недостига само целосен договор околу неколку детали, по што договорот би бил потпишан и Покетино веднаш би допатувал во Париз.Отказот на Тухел дојде само неколку часа по убедливата победа од 4-0 над Стразбур, но јасно е дека незадоволството од работата на Германецот траеше подолго време. Прашањето на разделба од Тухел беше само прашање на време, а „светците“ решија да ја искористат кратката празнична пауза за тренерска смена.

Управата на клубот се надева дека со ангажманот на Покетино ќе се смени и расположението кај Килијан Мбапе, кој по неколкуте конфликти со Тухел делуваше незаинтересирано да потпише нов договор со ПСЖ. Следниот натпревар на „светците“ е закажан за 6 јануари, со гостување против Сент Етјен.