На првиот работен ден од новата 2021 година, Европската комисија мораше да се брани од нападите дека не нарачала доволен број вакцини против ковид-19, дека тие пристигнуваат премногу бавно и дека ЕУ заостанува зад многумина во светот.

Германската канцеларка Ангела Меркел се најде на удар на критики откако беше откриено дека таа лично интервенирала за да ги спречи европските министри за здравство да обезбедат поголеми дози вакцина против ковид-19 за целата Европска унија, пишува „ Дејли телеграф“ .

Граѓаните на ЕУ се сè понервозни од фактот дека Унијата очигледно не нарачала доволно дози на вакцината Фајзер-БиоНТех, што е развиена во Германија и се произведува во Белгија, значи на територијата на Унијата.

Очигледно, Меркел го блокираше минатогодишниот заеднички обид на министрите за здравство на Германија, Франција, Италија и Холандија да нарачаат повеќе дози вакцина против ковид-19 за потребите на населението на сите 27 држави членки, а сега добар дел од овие држави се заглавени во долготрајна блокада.

Германскиот дневен весник Билд објави и „покајничко“ писмо испратено од четворицата министри до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен , во кое се наведува дека тие се согласиле да се откажат од својата иницијатива и да и го предадат управувањето со набавките на вакцините на Европската комисија.

Според Билд, Меркел извршила притисок врз министрите да го напишат писмото затоа што сакала да испрати порака за солидарност за сите земји членки на Европската унија.

Сметаме дека е клучно да им приоѓаме на разни фармацевтски компании заедно и на унифициран начин, стои во писмото на министрите. Веруваме дека брзината на реакција во овој случај е клучна. Затоа сметаме дека би било многу корисно Комисијата да го води процесот на набавки.

Според „Дејли телеграф“, кога Комисијата ги презеде преговорите за набавка на вакцини, Европа започна да заостанува во трката за да обезбеди доволна доза на потребните вакцини.

Министрите претходно преговараа за нарачката на 400 милиони дози на вакцината АстраЗенека-Оксфорд, но Комисијата заглави во долгите преговори и големата испорака отиде во Велика Британија и САД.

Овој конфликт се појави во време кога Европската агенција за лекови (ЕМА) се очекува да одобри вакцина на Модерна за итна употреба. ЕМА треба да даде зелено светло за вакцината на Модерна до крајот на оваа недела. До денес, ЕМА ја одобри само вакцината Фајзер-БиоНТех за употреба во Унијатата.