Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави воведување полициски час и нареди рестораните да се префрлат на работење само на услуга за испорака дома, како дел од стратегијата за борба против зголемените инфекции со коронавирус и смртни случаи.

Најновиот бран на ограничувања вклучува затворање на сите кина и ограничено работно време за повеќето продавници и трговски центри, објави АФП. Основните училишта ќе се префрлат на учење на далечина до крајот на годината.

Се соочуваме со сериозна ситуација, рече Ердоган во обраќањето до нацијата откако претседаваше со состанокот на кабинетот на кој се разговараше за новите мерки. Бројот на инфекции и смртни случаи достигна сериозно ниво, почнувајќи од Истанбул, затоа треба да бидеме повнимателни.

Ердоган рече дека полицискиот час ќе важи од 20 часот до 10 часот и ќе започне викендов.

Турција која има 83 милиони жители денес објави 103 нови смртни случаи од Ковид-19, и за прв пат дневниот број на починати ја надминува бројката сто лица по 25 април. Вкупно има 11.704 смртни случаи во Турција, но тоа е релативно ниска бројка во споредба со земјите со слично население.

Светската здравствена организација ја пофали Анкара за нејзиниот одговор на пандемијата. Тоа вклучуваше луѓе да носат маски на улиците во поголемите градови од јули, а истата мерката беше спроведена на национално ниво во септември.

Ердоган рече дека ограничувањата може да се заострат доколку продолжат сегашните трендови. Но, тој истакна дека повеќе би сакал да го избегне тоа за да ја „одржи економијата жива“.

„Ако кривата на епидемијата продолжи да се зголемува, повеќе болни мерки ќе бидат неизбежни“, рече претседателот.