Додека се ангажирани најголемите светски експерти и научници, инвестирани се огромни пари за што поскоро да се најде вакцина против „Ковид-19“, истражувањата покажуваат дека половина од анкетираните Италијанци не би прифатиле да бидат вакцинирани доколку се најде вакцина против коронавирусот.

Истражувањето на примерок од илјада луѓе е спроведено на универзитетот „Католика“ во Кремона, пренесува весникот „Котидијано ди Санита“, наменет за медицински персонал.

Оние кои би прифатиле да се вакцинираат против Ковид, според истражувањето, се постарите лица, пензионерите и младите луѓе, студенти, додека членовите на средната генерација, вработените, претприемачите и работниците се скептични во врска со вакцинацијата.

Психолозите кои учествувале во истражувањето и толкувањето на податоците посочуваат дека во групата испитаници од средна возраст кои не би се вакцинирале, има голем број на таканаречени „фаталисти“ кои веруваат дека заштитата од вирусот корона е „надвор од нивната моќ“.

Истражувачите исто така откриле дека ставот кон евентуална вакцинација е поврзан со степенот на социјална одговорност што ја има одредена личност.

Оние кои би биле вакцинирани против „Ковид-19“, сметаат дека тоа е дел од одговорноста кон општеството и целокупното здравје на колективот, а не само како личен избор.


Напишете коментар