Американскиот државен секретар Мајк Помпео одби да се сретне со координаторот за дијалог меѓу Белград и Приштина, Скендер Хисени, пренесува порталот Косово онлајн, повикувајќи се на дипломатски извори во Вашингтон.

Скендер Хисени во неделата отпатува за Вашингтон за да разговара со американските власти за иднината на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Но, првиот човек на американската надворешна политика одби да се сретне со Хисени, пишуваат дел од приштинските медиуми.

Според медиумите, Соединетите држави имаа за цел да дадат нов импулс и енергија на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со директен ангажман на самиот Доналд Трамп, кој испрати две писма во кои се повикуваат претседателот на Косово, Хашим Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ да постигнат договор.

Трамп исто така назначи специјален пратеник за дијалог. На ова се спротивставија земјите од Европската унија, кои инсистираа дијалогот да биде посредуван од нив, и покрај тоа што процесот беше одолговлечен подолго време заради недоволно ангажирање на земјите членки, пишува Лајм, а пренесува Косово онлајн.

Претходно приштинскиот дневен лист „Коха“ рече дека средбата со Помпео не е планирана и дека Хисени ќе се сретне само со специјалниот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, иако Хисени по пристигнувањето во Соединетите држави изјави дека ќе се сретне со двајцата американски претставници.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *