Денес македонската влада го именуваше поранешниот премиер Владо Бучковски за специјален претставник на нашата земја за Бугарија. Именувањето е со мандат од една година.

Веднаш до Бучковски беше испратена пораката од агенцијата БГНЕС. Во анализата која е објавена од таа агенција се анализираат делови од последните интервјуа на Бучковски дадени за македонските медиуми.

Како “анализатор” се јавува Иван Николов. Агенцијата БГНЕС го најавува Николов како новинар, публицист и издавач. Тој е главен уредник на списанието Бугарија-Македонија и директор на издавачката куќа „Свети Климент Охридски“. Иван Николов е еден од најголемите познавачи на балканските теми, автор на бројни написи и книги на оваа тема, пишува за Николов БГНЕС.

Еве делови од “анализата”:

Владо Бучковски зборува за „антифашистичкото движење“, за „победа“, за „слобода“, за АСНОМ, што покажува до кој степен југословенските пропаганда продолжува да доминира во умовите кои биле обвинети за голема доза на критичност кон минатото, пишува Николов.

За какво антифашистичко движење станува збор, прашува тој, бидејќи дури и обичните македонски комунисти не сакаа да водат герилска војна? Дали е случајно што инструкторот на Централниот комитет на КПЈ во Македонија, Драган Павловиќ Шиљо, во писмото до своите партиски шефови во Белград, на 29 октомври 1941 година, објасни зошто не може да организира герилски одреди: „Треба да се земе предвид големата омраза кон Југославија на бугарофилските елементи”.

Според Николов, во повеќето случаи, команданти на ваквите герилски формации се Србите и Црногорците. На пример, командант на македонско-косовската бригада е црногорскиот Србин Петар Брајковиќ-Ѓуро, а политичкиот комесар е српски студент од Гњилане. Сепак, герилското движење не е популарно меѓу народот во Македонија. И тогаш Тито беше принуден да го испрати Светозар Вукмановиќ – Темпо, кој со закани, атентати и прелевање на повеќе српски борци и команданти успеа да создаде партизанско движење целосно потчинето на интересите на КПЈ.

Како што пишува Николов: Нема зошто да се лажеме и да живееме во заблуди, “победата“ за која зборува г. Бучковски беше победа на интересите на титова Југославија во Македонија, а „слободата“ им даде одврзани раце на титовистите да прават што сакаат со секој што не се согласува со нив. АСНОМ, беше камуфлираната врска со историскиот Илинден во 1903 година, за луѓето да бидат измамени дека доаѓа вистинска слобода за Македонија. А зошто само неколку месеци подоцна започна последователната ликвидација на раководството на АСНОМ, предводено од Методи Андонов-Ченто?

Дали знае г. Бучковски, прашува Николов, зошто најблиските соработници на Ченто и првите министри на Македонија како Панко Брашнаров, Богоја Фотев, Петре Перузе, Павел Шатев, Бане Андреев, Венко Марковски беа брутално отстранети, запоставени, а некои од нив трагично го завршија својот живот? Овие патриоти на Македонија живееја во надеж дека ќе можат да ја прогласат Македонија за независна држава под покровителство на една од големите сили или Обединетите нации. За жал! Ова не се случи затоа што србизираните Македонци, матурантите во Крагуевац – Лазар Колишевски, Лазар Мојсов, Видое Смилевски и други имаа добиено инструкции што да прават со Ченто и неговите министри.

И на крајот на “анализата” Николов се обидува да поентира: Сите проблеми на раководството и јавноста во Скопје денес произлегуваат од подмолната деструктивна активност на оние мистериозно влијателни кругови кои продолжуваат да и служат на поранешната југословенска стратегија за Македонија.

И што да се каже? Вака Бугарите на чело со гневниот Љубчо Нешков ја разбираат демократијата: Да можат да го масакрираат секој кој историски различно размислува од нив!