По средбата со македонскиот колега Бујар Османи во Берлин, германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас ја повтори поддршката на Берлин за започнување пристапни преговори на Македонија во ЕУ „што е можно побрзо“. „Германија сериозно ја сфаќа европската перспектива за земјите од регионот, а тоа особено важи за Македонија, која одамна ги исполни условите за почеток на преговорите. Затоа, минатата година вложивме големи напори да одржиме меѓувладина конференција, но тоа не беше можно. Ние сега го поддржуваме португалското претседателство во ова.

Ние не само што тоа го сметаме за логично, туку и неопходно, не само во однос на довербата на граѓаните во Македонија, туку и поради интересот на ЕУ, да се одржи меѓувладината конференција што е можно поскоро, рече Маас. Германскиот министер смета дека ова е добар сигнал „за продолжување на реформите во Македонија“.

Продолжувањето на реформската агенда, особено во областа на владеењето на правото, е добра вест. Одиме кон заедничка цел и Германија останува на ваша страна, рече тој.

Османи и Маас се согласуваат дека бугарската блокада не е причина да се одделат Македонија и Албанија од процесот на преговори. Германската влада смета дека спорот меѓу Македонија и Бугарија треба да остане билатерален и да се реши од експерти без надворешен притисок. Маас не гледа причина да се вклучат трети страни во решавањето на спорот, но вели дека Берлин е секогаш подготвен да помогне и да го сподели своето искуство, го цитираше Дојче веле.