Министерот за одбрана Красимир Каракачанов печали само лична популарност со примитивниот национализам, расправајќи се со соседните политичари. Перчењето и силењето на ВМРО не даде резултати.

Овој став го искажа поранешниот премиер на Бугарија Иван Костов (1997-2001) во интервју за Дарик радио. Тој ги коментираше комплицираните дипломатски односи меѓу Скопје и Софија.

Како премиер во 1997 година, Костов и неговиот колега, Љубчо Георгиевски, во Софија потпишаа Заедничка декларација, со која се отворија вратите за решавање на спорните прашања и нормализирање на односите меѓу двете држави.

Поранешниот премиер предложи да не се расправа за историјата, туку Бугарија да инсистира на вклучување на преговарачко поглавје, во кое ќе бидат напишани услови, без чие исполнување Македонија нема да може да влезе во ЕУ. Костов смета дека ова би било поприфатливо за актуелните политичари во Скопје и ќе биде гаранција дека кој и да дојде на власт во Скопје тоа ќе биде почитувано.

Тоа е она што и нам ни се случи – прво од нас побараа да се реформираме, а потоа да бидеме прифатени. Направивме скоро сè, не завршивме само мал дел од барањата на ЕУ и затоа нè следат 13 години, се сеќава тој.

Според него, исклучително е важно да се започнат инфраструктурните проекти – Коридорот 8 и железничката линија меѓу двете земји. Фактот дека тоа досега не се случило е еден од доказите дека Скопје не го разбира добрососедство како што го разбираат европските земји.