Поранешниот германски амбасадор во Бугарија и Македонија, Клаус Штрамајер го обвинува бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов дека е руски “агент”.

Во својот авторски текст/колумна за Дојче Веле Штрамајер пишува: Софија се изолираше и го изгуби не само своето влијание врз Скопје, туку и довербата на сите балкански земји.

Според Штрамајер, поранешен агент на бугарската тајна служба, кој стана лидер на една од малите националистички партии, ВМРО и министер за одбрана, верува дека може да го уценува не само бугарскиот премиер Борисов, туку и цела Европа. Борисов се чини дека е подготвен на компромис, но не може да се спротивстави на тоа без да ја ризикува судбината на неговата влада, која веќе е во опасна ситуација по повеќемесечни улични протести, вели Штрамајер и додава:

Сепак, се чини дека Каракачанов не дејствува само под влијание на неговите предрасуди кон Македонците. Неговото шпионско минато и соработката со Волен Сидеров и Атака сугерираат дека тој ја игра играта на Москва. И се состанува во Скопје со претставници на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ги загуби последните избори во Македонија. Партијата, во чии редови има просрпски, а оттука и проруски сили. Партијата чиј поранешен лидер се крие од прогон во прегратките на Виктор Орбан, вели тој во својата колумна за Дојче Веле.

Поранешниот Претседател на бугарското Собрание, амбасадор на Бугарија во Македонија и сегашен бугарски европратеник во Европскиот Парламент, Александар Јорданов исто така го обвинува Каракачанов за блиски односи со Москва. Јорданов ја поддржа тезата дека Москва преку Каракачанов го попречува членството на Македонија во ЕУ.

Штрамајер важи за одличен познавач на приликите во Скопје и во Софија. Овој негов став на еден индиректен начин може да се толкува како најтврда германска порака испратена до Софија. Штрамајер барањата на Софија ги третира како мешање во внатрешните работи на Македонија.

Правењето разлика меѓу Каракачанов и Борисов го најави и македонскиот премиер Зоран Заев пред два дена со уверувањето дека Борисов не стои зад ветото кон Македонија.

Поранешниот амбасадор во Софија и Скопје, Клаус Штрамајер ги анализира можните потези на Бојко Борисов.

Според Штрамајер: Барем финансиски, Бугарија не може да си дозволи да го налути Брисел. И, ако Борисов не сака целосно да го изгуби кредитот на доверба (а особено финансиските придобивки), тој ќе мора да се ослободи од Каракачанов. Олигарсите кои имаат најголема корист од европската финансиска помош, веројатно нема да дозволат да се скратат пари од Брисел, вели тој.