Весли Кларк, поранешениот врховен командант на вооружените сили на НАТО, за време на бомбардирањето на СРЈ, смета дека обвиненијата на Специјалниот суд за злосторствата на ОВК „го попречуваат напредокот“ на Косово.

Според Кларк никогаш не престанале обидите да се постават пречки за развојот на Косово!

Обвинението против претседателот на Косово, Хашим Тачи, е продолжение на активностите за попречување на напредокот на Косово, изјави Кларк.

Кларк исто така вели дека не знае дали обвиненијата на Специјалниот суд се точни или не, но додава дека тие претставуваат продолжение на активности кои се прилично видливи дури и 20 години подоцна, објави приштинскиот Газета експрес.

Кларк, кој ја водеше операцијата за бомбардирање на НАТО во 1999 година и го нарече Тачи херој за време на неговата посета на Косово, се присети на својата прва средба со поранешниот водач на ОВК.

Тачи беше водач на ОВК, кога првпат го сретнав во Рамбује, за време на преговорите, во февруари 1999 година. Таму се сретнав и со други водачи на ОВК, изјави Кларк.

Хашкото специјално обвинителство издаде обвинение на 24 јуни, поднесено до судот два месеци порано, обвинувајќи го Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели за голем број злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучувајќи убиства и присилно исчезнување, прогон и мачење.

Обвинението тврди дека Тачи, Весели и други осомничени во обвинението се кривично одговорни за скоро 100 убиства.