Повеќе од 20 европратеници од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент бараат од Советот да ја одобри рамката за преговори за Македонија и Албанија, јави дописникот на бугарското национално радио од Брисел.

Европратениците, вклучително и известувачот за Македонија, Илхан Кучук, претседателот на Комитетот за надворешни работи Дејвид Мекалистер и известувачот во сенка, Тања Фајон, ги повикуваат сите засегнати страни да најдат решение за да се осигури дека разговорите за пристапување ќе започнат пред крајот на годината.

Предупредувајќи дека нивното замрзнување ќе ја наруши довербата на ЕУ во Западен Балкан, европратениците ги повикаа Бугарија и Македонија да најдат компромис за билатералните прашања за да избегнат понатамошно одложување на процесот.

Бугарија мора да го одобри отворањето на меѓувладината конференција со Македонија што е можно поскоро и покрај сите тешкотии уште во декември, со што ќе ги признае напорите на земјата да се приклучи на Заедницата. Македонија, во својата улога како членка-кандидат, исто така, мора да вложи максимални напори за решавање на спорните прашања, нагласија европратениците.

Во исто време, портпарол на Европската комисија за БТА изјави дека целта за пристапување кон Западен Балкан останува водечка и е поддржана од сите земји на ЕУ.

Нема промена во врска со ова прашање, додаде тој, и покрај вчерашните најави дека проширувањето на ЕУ е надвор од агендата до крајот на годината. Понекогаш преговорите се тешки. Влезот во ЕУ не е лесна задача, додаде портпаролот.