Групи и поединци од Америка, вклучени во неодамнешниот упад во зградата на американскиот Конгрес, добиле повеќе од 500.000 американски долари, во биткоини, од француски донатор, на 8 декември, еден месец пред немирите во американскиот главен град, објави аналитичката компанија Chainalysis

На 8 декември 2020 година, донаторот испрати 28,15 биткоини, во вредност од околу 522 000 американски долари за во времето на трансферот, на 22 одделни адреси во една трансакција.

Многу од овие адреси припаѓаат на екстремно десни активисти и личности од интернет, соопшти компанијата за обработка на овие податоци во четвртокот вечерта.

Chainalysis го прогласи Ник Фуентес, истакнат десничар кој беше фотографиран пред зградата на Конгресот за време на немирите, за личност која добила најголема сума на средствата.

Според компанијата, донаторот бил инвеститор кој живеел во Франција, а кој во меѓувреме починал.

Собравме докази кои силно сугерираат дека донаторот, сега починат, е програмер кој живее во Франција, наведува Chainalysis.

Пет лица беа убиени во немирите во Вашингтон што се случија на 6 јануари. Немирите избија откако американскиот претседател Доналд Трамп одржа говор. Тензиите остануваат високи во Америка, а пробата на церемонијата на инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден е одложена од безбедносни причини.

Се проценува дека 20.000 припадници на Националната гарда ќе бидат распоредени за да осигура безбедност во Вашингтон за време на инаугурацијата на Бајден, што треба да се одржи на 20 јануари.