Берлинската полиција во средата објави дека привела 365 лица кои учествувале во протести против мерките за намалување на пандемијата на коронавирус, а некои од нив биле брзо ослободени.

Полицијата извести дека на протестите биле повредени десет припадници на полицијата.

На протестите во Берлин беа распоредени околу 2.400 полицајци, а на протестите учествуваа околу седум илјади демонстранти кои излегоа на улиците. Тие се собраа околу зградата на парламентот, Рајхстагот, Бранденбуршката порта и споменикот на победа во паркот Тиергартен.

Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите. Повеќето од нив не носеле маски.

Иналу, Горниот и долниот дом на германскиот парламент денеска разговараа за реформа на законот за заштита од пандемијата, кој дефинира какви мерки може да воведе владата против ширењето на инфекцијата. Повеќето реформи се однесуваат на регулирање на трудот и образовниот систем за време на мерките.

За да се спречат настани како оние во август кога демонстрантите, вклучувајќи голем број екстремни десничари, се обидоа да влезат во зградата на парламентот, полицијата опколи широка област околу Бундестагот и кабинетот на канцеларката Ангела Меркел.

Германските законодавци со мнозинство гладови ги поддржаа амандманите на законот што ги зајакнува владините овластувања и сега можат да преземат извршни мерки против пандемијата на коронавирус. Мерките донесени со извршна уредба ќе бидат ограничени на најмногу четири недели, но оваа ставка може да биде продолжена.

Амандманите на законот предложени од коалициската влада на канцеларката Ангела Меркел беа поддржани од 415 пратеници, 236 беа против, а осум беа воздржани.

Германската влада се надева дека со овие измени ќе може да елиминира можните судски спорови против мерките во услови на коронавирус, како што се затворање на компании, ограничувања на собири и носење маски.

Амандманите беа прифатени и од Бундесратот, горниот дом на парламентот и потпишани од претседателот Франк Валтер Штајнмаер. Тие влегуваат во сила по објавувањето во Сојузниот службен весник.