До Организацијата на воените ветерани на ОВК биле доставени нови тајни досиеја, а лицето кое ги донело документите на Специјалниот суд за воени злосторства не е истото како и првиот пат.

Во оваа организација посочуваат дека тие се обиделе да ја запрат таа личност, но не успеале во тоа.

Го нарековме „Молња 2“ затоа што човекот избега како молња. Тој ги донесе документите, а неколку наши колеги не можеа да го стигнат и да видат кој е тој, беше речено на прес-конференцијата.

Претседателот на организацијата, Хисни Гукати, им ги покажа документите на медиумите, за кои тврди дека ја докажуваат комуникацијата меѓу службените лица на Специјалниот суд со српските обвинители и луѓето од полицијата.

Цело време ви говориме дека Специјалниот суд главно соработува со Српското обвинителство и Специјалниот суд на Србија за воени злосторства. Ќе ви покажам два документи на српски јазик. Милорад Вељовиќ е генерален директор на полицијата во Србија, кој соработува со обвинителите на Судот. Немавме време да ги проверивме детално документите, рече Гукати.

Заменик-шефот на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Насим Харадинај, рече дека имало повеќе од 130 писма со тогашниот директор на српската полиција и други српски официјални лица.

Ова е голем апсурд за меѓународна институција. Ова дури не личи ниту на судови во џунгла. Видов дека Клинт Вилијамсон имаше 57 преписка со (српскиот обвинител за воени злосторства Владимир) Вукчевиќ. Има 130 преписки со директорот на полицијата, а потоа 37 со (српскиот заменик-обвинител за воени злосторства) Драгољуб Станковиќ. Сите овие преписки зборуваат за Дреница, Јабланица, Клечко и други. Станува збор за директна соработка со луѓе од апаратот на Милошевиќ. На овој начин нив ги амнестираат, а ги испитуваат Албанците, рече Харадинај.

Претходно беше објавено дека истражителите на Специјалното обвинителство на Косово, со седиште во Хаг, заплениле 4.000 досиеја за воени злосторства, кои беа предадени анонимно на Организацијата на воени ветерани на ОВК, пренесе Газета експрес.

Познато е дека сите сведоци кои можеле да сведочат против Рамуш Харадинај и неколку други припадници на ОВК биле убиени, па со доставување на списокот со сведоци, овие луѓе стануваат практично мета.