Познатиот норвешки вирусолог Биргер Соренсен тврди дека вирусот корона случајно бил пуштен од лабораторијата, и дека тој не е природен вирус.

Потеклото на короната е мистерија уште од почетокот на пандемијата, но и покрај многуте обвинувања дека станува збор за вештачки вирус создаден во лабораторија, СЗО постојано ја демантираше таа верзија, нагласувајќи го природното потекло на вирусот.

Сепак, норвешкиот вирусолог тврди дека постојат јасни докази дека овој вирус не потекнува од животинскиот свет, туку од лабораторијата, а тоа е неговата структура и способност брзо да се шири меѓу луѓето.

Цврсто верувам дека тој беше пуштен случајно. Кога американските власти извршија инспекција во Вухан во 2018 година, тие ја опишаа таа лабораторија како ризична – рече Соренсен.

Норвешкиот вирусолог потенцираше дека има докажани случаи кога вируси протекоа од лабораторијата и затоа не е многу контроверзно да се тврди дека овој вирус исто така има такво потекло.

Постојат многу лаборатории кои по грешка пуштиле вируси. Оригиналниот вирус САРС беше пуштен во Сингапур – изјави тој, потсетувајќи на инцидентот во ноември 2003 година.

Норвешкиот вирусолог верува дека вирусот корона протекол на крајот на август или почетокот на септември 2019 година.

Тој наведува дека, врз основа на брзината со која се шири вирусот, може да се претпостави дека тој веќе бил прилагоден за ширење меѓу луѓето во лабораторија која го истражува влијанието на вирусот врз човечките клетки.

Соренсен тврди дека никој досега не успеа да докаже дека вирусот всушност се развил природно.

Нема никој кој се сомнева дека мора да има докази дека вирусот потекнува од природата. Мора да докажете дека доаѓа од природата, во спротивно доаѓа од лабораторијата – рече Соренсен, нагласувајќи дека има многу истражувања за вируси направени во лабораторија.

Во соработка со британски експерти, тој објави две студии за вирусот корона. Првата беше за тоа како новиот вирус се врзува за рецепторите во човечките клетки, а втората се занимава со докази кои сугерираат дека вирусот не се развил природно. Втората студија не е објавена во ниту едно научно списание.

Соренсен се соочи со остри критики од научната заедница. Меѓу другите, Кристијан Андерсен, професор по имунологија и микробиологија во Калифорнија, ги отфрли нивните истражувања како „неразбирливи, ниту малку научни, целосна глупост“.

Сепак, Соренсен и неговите соработници се уште се убедени дека вирусот корона потекнува од лабораторијата.

Според норвешкиот вирусолог, постои силно спротивставување на студиите во кои лабораториите за истражување се жртвени јарци поради силниот јавен интерес да не се доведува во прашање процесот на истражување

Научната заедница не сака да дискутира за прашања што можат да го попречат идното истражување на вируси – верува тој и додава:

Исто така, постои аспект на потенцијална употреба на такви вируси како оружје, што не треба да се исклучува – заклучи Соренсен, добро познат на норвешката јавност. Кога свинскиот грип избувна во 2009 година, тој го привлече вниманието на јавноста поради неговиот придонес во работата на вакцината, а исто така беше ангажиран во истражување на ХИВ и ебола.

Инаку, Меѓународната мисија предводена од Светската здравствена организација (СЗО) ќе замине во Вухан, Кина, во првата недела од јануари да го испита изворот на вирусот корона.

Теа Фишер, член на тимот на СЗО од Данска, рече дека научниците ќе одат во Кина веднаш по Новата година на шестнеделна мисија, вклучително и двонеделен карантин по пристигнувањето во најнаселената земја во светот.