Пратеничката на германскиот Бундестаг, Севим Дагделен, која има турско потекло, изнесе тешки обвинувања против поранешната ОВК и нејзините водачи, но и против НАТО, изјавувајќи дека алијансата „го прекршила меѓународното право, поддржувајќи ги криминалците на ОВК“.

Даделен на Фејсбук напиша дека обврска на Хашкиот трибунал е сега да ја осигура безбедноста на потенцијалните сведоци за да не бидат заплашени, па дури и убиени, како што беше случајот со поранешниот премиер на лажната држава и командант на ОВК, Рамуш Харадинај.

Потврда за обвинувањата против (Хашим) Тачи е удар и за федералната влада, која го бранеше криминалецот сите овие години, имајќи предвид дека знаеше дека германската разузнавачка служба БНД уште во 2005 година го посочи командантот на ОВК и врската помеѓу организираниот криминал и политиката во Косово. На тоа укажуваше и главната обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, која откри шверц на органи во 2008 година – напиша Дагделен, пренесува Косово онлајн.

Пратеничката упати обвинувања и против НАТО и поранешните лидери на водечките членки на САД, Велика Британија и Германија, Бил Клинтон, Тони Блер и Герхард Шредер.

Ден претходно, да потсетиме, жестоко реагираше и пратеникот во францускиот парламент, Тиери Маријани по потврдувањето на обвинението за воени злосторства против поранешниот водач на ОВК и поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи.

Маријани истакна дека треба итно да се формира истражна комисија заради поддршката што француската влада им ја даваше на Тачи и ОВК против Србија за време на конфликтот во 90-тите години на минатиот век.