Еден пратеник од владејачкото мнозинство е позитивен на коронавирус, а уште еден е тестиран и за него се чекаат резултати.

Ова, како што појасни координаторот на СДСМ Јован Митрески на почетокот на 30-тата седницата за која се уште не е утврден дневниот ред, е причината поради која во Собранието не може да се обезбеди кворум од 61 пратеник за работа.

Тој ја обвини опозицијата дека со денешното неприсуство на седницата покажува недржавничко однесување, особено, како што рече, што на оваа седница, меѓу другите, се измени на Законот за лекови, поврзани со вакцинацијата против КОВИД-19.

Во врска со отсуството на опозицијата Џафери рече дека тоа што пратениците одбиваат да влезат на седница, иако се потпишани, е нивно легитимно право.

За тоа, рече Џафери, формално не се одговорни пред мене туку одговараат пред вас граѓаните. Последната одлука за тоа, потенцира претседателот на Собранието, ќе ја имате вие.