“Пред Божик, зад Божик дома да си“, многу мудрост и значење во изреката која се пренесува од колено на колено, а присутна и кај православните верници во Битола.

Пред Божик… големиот празник Бадник кој го карактеризира традиционална заедничка вечера на која се собираат сите членови на семејството. Меѓутоа зошто се јаде одредена храна? Што претставува таа? Што не смее да изостане од вашата трпеза во текот на оваа вечера?

Традиционално се припрема бадникова трпеза која што треба да биде посна, но богата и празнична.

Бадниковата вечер е еден извесен помен на предците, на кои многу им должиме, но и потсетување на тоа колку е важно семејството и слогата во негo.

За време на јадењето не станува никој, домашните се чекаат еден со друг, и дури откако заврши обредот, се станува, и тоа е важно во текот на овој период семејството да биде на куп и сложно

Многу етнолози го истакнуваат значењето на традиционалните јадења во текот на Бадниковата вечера. Имено, на оваа вечера се подготвува посен грав, кисела зелка или посни сарми, пита од орев и риба, урми, смокви…

Рибата  има ритуално значење, чие потекло не е толку познато, но кое во средниот век се поврзувало за симболот на Исус Христос.

Според етнолозите симболиката за гравот на празничната трпеза е верување кое ни доаѓа уште од индогерманските народи и сведочи за тоа дека гравот е омилено јадење за душите на покојните. На тој начин во текот на Бадниковата вечера, се воспоставува симболичка врска со нашите предци, кои токму преку јадењето доаѓаат во врска со своите генерации, давајќи им сила и поттикнувајќи просперитет.

Не смее да изостане ниту печената тиква. Многумина велат дека од трпезата на Бадник не смее да изостане ниту медот, кој се јаде со ореви, а после Бадник во куќата се чува како лек.

Сепак, на Бадниковата вечер симболична улога нема само храната, туку и пијалокот. Еден од обичаите е ракијата и црвеното вино. Знаеме дека виното ја симболизира крвта, и овој обичај е многу јасен, посебно доколку се додаде фактот дека вино од маса не смее да се истури.

На Бадниковата трпеза по вечерата, храната не се трга од масата, затоа што се верува дека Господ ќе дојде преку ноќта да се нахрани.