Јунајтед медија, која е фирма ќерка на Јунајтед група за 280 милиони евра сака да ја купи Нова броудкастинг груп во Бугарија. Станува збор за најголемата медиумска група во соседна Бугарија каде главниот играч е најголемата бугарска национална телевизија Нова ТВ.

Јунајтед медија веќе поднесе барање до Комисијата за заштита на конкурентноста во Бугарија за одобрување на оваа зделка. Ова е втор обид за реализација на ваквата зделка. Пред повеќе од една година беше доставена првата понуда од Медија група но тогаш цената беше околу 180 милиони евра.

Во целиот пакет освен Нова Телевизија, која во последните години го презема приматот во Бугарија од конкурентската БТВ и државната Телевизија БНТ, се наоѓаат и неколку радио станици, маркетинг агенции и кабелски проекти во соседна Бугарија кои се во сопствениост на браќата Кирил и Георги Домушчиеви.

Јунајдет група на 31 јули оваа година соопшти дека го купи бугарскиот телекомуникациски оператор Виваком.

Инаку Јунајтед медија е сопственик на спортските канали Спорт клуб кои можат да се гледаат во Македонија, ТВ Нова од Хрватска, Гранд продукција на Саша Поповиќ, Н1 Телевизијат која зрачи во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Кабелскиот оператор Тотал ТВ е исто така во нивна сопственост.

Седиштето на Медија група е во Швајцарија а на чело на групација е Драган Шолак, кого медиумите во Србија под контрола на Александар Вучиќ, го напаѓаат како лидер на групата која сака да го собори Вучиќ од власт во Србија.

Оваа групација беше заинтересирана и за купување на Прва Српска ТВ и поранешната Б92 во Србија но потоа таму газди станаа луѓе блиски на Вучиќ.

Од март 2014 година Јунајтед груп е во мнозинска сопственост на ККР, водечката глобална инвестициона група со седиште во Њујорк со годишна заработувачка од 94 милијарди долари.

До неодамна на чело на ККР беше поранешниот шеф на ЦИА, Дејвид Петреус.