Астрономски количини валкани пари со години минувале низ најголемите банкарски институции во светот, откри истрагата на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ), каде се осудува недостатокот на контрола врз овој сектор.

Профитот од крвавите војни со дрога, проневерените средства на земјите во развој и украдените заработени заштеди во рамките на Понзиевата пирамида можеше да влезат и да излезат од овие финансиски институции, и покрај предупредувањата од вработените во банките, се вели во истрагата спроведена од 108 меѓународни медиуми од 88 земји.

Истрагата се заснова на илјадници извештаи за сомнителна активност испратени до финансиските полициски служби на Министерството за финансии на САД, од страна на банки од целиот свет.

Овие документи, составени од банки и споделени со владата, но далеку од јавноста, откриваат дупки во банкарските гаранции и леснотијата со која криминалците ги искористуваа, истакнува американскиот Buzzfeed News во воведот на истрагата.

Тие документи се однесуваат на трансакции од 2.000 милијарди долари, кои циркулираа во периодот од 1999 до 2017 година.

Истрагата упатува на пет најголеми банки:
ЈП Морган Час, ХЦБС, Стандард Чартеред, Дојче банк и Банка на Њујорк Мелон, кои се обвинети дека продолжиле да префрлаат средства на осомничени криминалци, и тоа откако против нив биле покренати процеси и откако се осудени за финансиски криминал.

На крајот од истражувањето, Buzzfeed News наведува дека мрежите низ кои валканите пари патуваат низ светот „станале витални артерии на светската економија“.

Во соопштението на Дојче банка се наведува дека податоците на Конзорциумот им се „добро познати“ информации на нивните регулатори и дека тие посветиле значителни износи на зајакнување на своите контроли и почитување на нивните одговорности и обврски.

Истрагата укажува и на неможноста на американските власти да ги регулираат овие трансакции.

Во соопштението издадено пред објавувањето на истрагата, финансиската полиција предупреди дека објавувањето извештаи за сомнителни активности е „кривично дело што може да има влијание врз националната безбедност на Соединетите држави“.