Најпознатиот германски вирусолог, Хендрик Штрек, директор на Институтот за вирусологија во Бон, се спротивстави на новото затворање и воведување на карантин поради пандемијата на корона вирусот. Штрек им порача на сите земји кои се соочуваат со нов бран на инфекција и се движат во насока на воведување нов карантин, „смирете се, не подлегнувајте на општата масовна хистерија“.

Време е да се запрат лажните узбуни. Можеме да го надмудриме вирусот користејќи го нашето знаење. Ковид-19 ќе биде со нас многу долго и треба да научиме како да живееме со него. Не можеме да го прекинеме нашиот нормален живот и да парализираме сè, рече Шрек, кој се залагаше за воведување карантин во првиот бран на епидемијата, пишува британски Телеграф.

Според Штрек, вирусот сега претставува помала опасност од повеќе причини и дека сега треба да влечеме „одмерени потези за кои е потребна студена глава“.

Не го омаловажувам вирусот, но не го ни преценувам. Мораме да ја најдеме вистинската рамнотежа, вели тој.

Штрек смета дека промените во однесувањето на луѓето имале силно влијание врз развојот на пандемијата.

Луѓето сега држат дистанца и тие се заразуваат со помали дози на вирусот, така што нивните клинички слики се поблаги. Дозите на вирусот се намалени поради подобра хигиена и мерки како што се носење маски, вели тој.

За време на првиот бран на пандемијата, Хендрик Штрек спроведе големо истражување на короната во германскиот град Хајнзберг, каде откри дека стапката на смртност кај заразените е 0,37 проценти.

Штрек сега верува дека стапката е намалена на 0,3 проценти благодарение на новите методи на лекување.

Тој исто така верува дека не се точни тврдењата дека луѓето кои го преболуваат ковидот многу брзо го губат имунитетот.

Во светот имаме повеќе од 30 милиони случаи на заразени од корона и само два случаи на реинфекција. Тоа говори дека мора да постои потраен имунитет. Од искуството со други вируси на корона знаеме дека заштитата базирана на антитела трае една или две години и ако после тоа повторно се разболите, имате делумен имунитет благодарение на Т-клетките и симптомите нема да бидат сериозни, тврди Штрек, додавајќи дека колективниот имунитет можеби е веќе постигнат во Шведска или во Њујорк.