Десетина припадници на специјалната единица „Тигар“ обвинуваат дека се деградирани од страна на раководството на Министерството за внатрешни работи. Во последните две недели, со усна команда, тие биле распределени во други сектори, а за шестмина се веќе изготвени и писмените решенија.

Иако повеќемина од нив учествувале во голем број специјални задачи со безбедносни ризици, а Министерството дури и вложувало во нив како кадар и ги праќало на обуки во странство, веќе нема да се дел од единицата. Па така, од активна теренска работа, како на пример во настаните од „Диво насеље“, сега очекуваат во хангарите на МВР да ги мијат и одржуваат службените возила.