Огромни суми пари украдени од државните каси или заработени преку нелегални активности, како што е продажба на дрога, продолжуваат да течат низ големите светски банки и покрај механизмите на светските влади за спречување на перење пари.

Ова е заклучок на тајниот извештај на FinCEN, една од агенциите на Министерството за финансии на САД, кој се занимава со анализа и разузнавачка работа поврзана со перење пари во светот.

Извештајот во кој се споменуваат 2.100 сомнителни трансакции, преку кои се испрани околу две илјади милијарди долари, му беше предаден на порталот „Базфид“ во Њујорк, кој тие документи ги истражуваше со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ). ИЦИЈ пред четири години истражи 11 милиони документи и оф шор сметки во странство во познатата афера Панама гејт.

Извештајот FinCEN покажува дека банките како што се американската JPMorgan Chase, британската HSBC и Deutsche Bank ги зеле споменатите трилиони долари од „криминалци, клептократи и терористи“ и заработиле пари на овие трансакции и покрај казните што ги добија од американската влада во последниве години поради пропусти во запирање на глобалното перење пари.

ЏП Морган Чејс, најголемата американска банка, префрлаше пари од физички лица и бизниси поврзани со проневера на јавни пари во Малезија, Венецуела и Украина, покажуваат документите.

За да ги испита новите обвинувања, ICIJ мораше да организира тим од 400 новинари од 110 медиуми во 88 земји за да ги прочешлаат документите. Откриле дека банкарските аналитичари ги обележале со црвена боја трансакциите во кои биле пренесени споменатите две илјади милијарди долари помеѓу 1999 и 2017 година. Од тоа, 514 милијарди долари беа преку ЏП Морган, а дури 1,3 трилиони во Дојче банка – рекордер во износ од сомнителни трансакции.

Покрај тоа, извештајот на ICIJ наведува дека документите на американскиот FinCEN се само капка во морето на потенцијални нелегални трансакции. Имено, овие 2.100 сомнителни трансакции сочинуваат само 0,02 проценти од трансакциите кои биле пријавени како „сомнителни“ кај надзорните органи на САД. Помеѓу 2011 и 2017 година, банките пријавиле 12 милиони сомнителни трансакции.

Се чинеше дека сите знаеја, но никој не сакаше да преземе одговорност за работењето. Ова го посочува и ICIJ, кој во својот извештај наведува дека американските агенции задолжени за запирање на перење пари ретко дејствуваат и дека мерките преземени од владите досега само ја гребеле површината на системот. Во меѓувреме, банките си ја вршат својата работа и не поставуваат премногу прашања.

Вреди да се потсетиме дека меѓу „лошите“ банки повторно беше најголемата европска банка со седиште во Лондон, ХСБЦ, која во 2012 година беше обвинета и призна дека перела најмалку 881 милиони долари за латиноамерикански нарко-картели. Банката тогаш плати дури 1,9 милијарди долари казни, а во договор со властите избегна кривично судење на газдите. Наместо тоа, таа доби условна казна од пет години и вети дека ќе биде „добра“ и ќе се бори офанзивно против протокот на валкани пари.

Меѓу клиентите што ги открија беа рускиот тајкун Олег Дерипаска, мафијашот Семјон Могилевич и Изабел Дос Сантос, најбогатата Африканка, која е и ќерка на човекот кој помина скоро 40 години на чело на богатата со нафта Ангола.