Сергеј Трифуновиќ, актер и поранешен претседател на Движењето на слободни граѓани, беше приведен во населбата Горњи Степош во Крушевац, пренесуваат медиумите.

Тој беше запрен од сообраќајната полиција околу 12,30 часот на патот Крушевац-Равни. Актерот бил приведен 12 часа поради наводно возење под дејство на марихуана, пишува порталот Нова С.

Порталот наведува и дека ова не е прв пат Трифуновиќ да го крши законот за сообраќај. Голема прашина се крена на 13 јануари минатата година во Нов Белград, кога во вечерните часови, наводно под дејство на кокаин, удрил со својот автомобил во автобус за јавен превоз, а потоа избегал.

Како што тогаш пишуваа медиумите, тој по несреќата се правдаше со зборовите дека „морал да им ја отвори вратата на мајсторите и да ги нахрани мачките“. Неколку часа по инцидентот, тој самиот се пријавил во полиција, не криејќи дека користел дрога.

Неполн месец подоцна, Трифуновиќ, со својот џип „Ауди Q2“, повторно предизвика сообраќајна несреќа на автопатот кон Нови Сад, кога со брзина од 150 километри на час удри во „фиат стило“ управуван од Срѓан С. (44), и кој завршил во болница поради повреди.