Бразилската здравствена регулаторна агенција (Анвиса) денес објави дека на барањето на Медицинскиот институт Бутантан, за итна употреба на вакцината против ковид-19 развиена од кинескиот Синовак, им недостигаат некои релевантни информации за да можат да направат анализа.

Анвиса рече дека Бутантан не ги наведува, на пример, возраста, полот или придружните болести на учесниците во тестовите на вакцината Коронавак, што ја произведува кинескиот Синовак, пренесува Ројтерс.

Барањето за регистрација не обезбеди податоци за ефикасноста на вакцината во третата фаза од испитувањето и некои детали за бројот на учесниците, соопшти регулаторното здравствено тело.

Партнерот на кинескиот Синовак во Бразил, Институтот Бутантан, го поднесе своето барање во петокот, а бразилскиот државен институт Фиокруз, исто така, поднесе барање за итна регистрација на вакцината АстраЗенека против ковид-19 во петокот, но за нивното барање Анвиса изјави дека е доставена со сите потребни информации, соопшти агенцијата.