Властите во Бангладеш уапсија сопственик на болница за кој се смета дека им продал на мингантите-работници илјадници потврди за негативен резултат на тестирањето за коронавирус, иако тестовите не биле спроведени, пишува амеркианскиот магазин „New York Times“.

Властите соопштија дека го уапсиле осомничениот додека се обидувал да ја премине границата со Индија маскиран во жена. Станува збор за Мохамад Шахед чија болница во главниот град на Бангладеш, Дака, продавала лажни потврди за тестирањето по цена од 59 долари. Се проценува дека издал 10 илјади лажни потврди, без извршени тестирања.

Постои голем пазар за ваквите потврди меѓу мигрантите од Бангладеш кои се обидуваат да се вратат во Европа каде што работат во маркети, ресторани или како улични продавачи на флаширана вода. Повеќемина работници од Бангладеш неодамна отпатуваа во Италија каде што работодавците бараат потврди за негативен тест за коронавирус, пред да ги пуштат да работат.

Бангладеш е една од најсиромашните држави во Азија, а милиони нејзини граѓани работат во странство испраќајќи милијарди долари дома со што ја одржуваат економијата. За време на пандемијата, многумина работници кои се најдоа во Бангладеш не можеа да се вратат во земјите каде што работат.

Бангладеш кој има над 160 милиони жители, пријави околу 200 илјади случаи на коронавирус, но здравствените експерти сметаат дека земјата би можела да има и повисока стапка на заразени поради малиот број на спроведени тестови за коронавирус.


Напишете коментар