Нашиот најпознат епидемиолог, проф. д-р Драган Даниловски, вечерва гостуваше во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија.

Неговото гостување се поклопи со зголемување на бројот на заразени од ковид-19. Според денешната статистика: Тестирани се 1694, новозаразени се 225, оздравени 96 и починати се шест лица.

Даниловски ги објасни новите трендови поврзани со ковид-19. Според неговото мислење во последниве денови започна повторно да се зголемува бројот на новозаболени од вирусот и бројот на хоспитализирани лица.

Од 27-ми септември Македонија забележува нагол пораст на регистрирани и заболени од ковид-19, но и на хоспитализирани лица, вели тој.

Според професорот Даниловски многу е поважно да се следи бројот на хоспитализираните, отколку бројот на позитивните лица. Тој многу е порелевантен и поверодостоен показател за динамиката на епидемијата.

Исто така како релевантен параметар, се следи и бројот на починатите лица. Бројот на починатите лица во последниве неколку недели имаше блага тенденција на опаѓање, и мене тоа на некој начин ме натера да верувам дека започна да стивнува вирусот. Меѓутоа еве сега гледаме дека веќе имаме зголемување и на бројот на починатите, истакна Даниловски.

Сепак од епидемиолошки агол на следење на состојбата, клучно е да се анализира бројот на хоспитализиранте лица. Тој податок е релевантен и најверодостоен покатазел за следење на динамиката на една епидемија. Според него, вирусот имаше мутација во месец април, стана поинфективен, но тоа немало реперкусии врз тежината на клиничката слика.

Професорот Даниловски смета дека вакцината против ковид-19, на која сега интензивно се работи, не треба да биде задолжителна за сите, туку само за ризичните групи, како и популацијата постара од 65 години.

Д-р Даниловски оцени дека нема втор, трет или четврти бран на пандемијата, туку една константна крива, која сега во текот на есенските месеци ќе се зголеми и поради тоа, сите треба да бидат одговорни.

Видете, ќе звучи можеби малку грубо, но според мене, глупо е да се носи маска кога се движите на отворено. Особено ако во околината нема никој, изјави професорот Даниловски во неговото интервју за Канал 5 Телевизија.