Нуркачите на индонезиската морнарица на дното на морето пронајдоа црна кутија од патничкиот авион на компанијата „Сривиџаја“, кој се урна во морето Јава со 62 патници и членови на екипажот.

Уредот треба да им помогне на истражителите да ја утврдат причината за падот на авионот „Боинг 737-500“ во морето за време на силен дожд и веднаш по полетувањето од аеродромот во Џакарта.

Воениот службеник Хади Тјахајанто изјави дека втората црна кутија што ги сними настаните во пилотската кабина најверојатно ќе се најде наскоро бидејќи нејзиниот сигнал се наоѓа во истата област.

Друг воен службеник, Кудо Маргоно, истакна дека уредите биле потопени во калта на дното на морето под бројни предмети што паднале од остатоците од авионот. Според него, најмалку 160 нуркачи биле ангажирани во потрагата.