По пронаоѓањето на големи резерви на злато и сребро во Средна Босна, вредноста на босанскиот рудник Вареш се зголеми на 916 милиони долари.

Тие информации ги соопшти компанијата Адриатик металс која е сопственик на рудникот. По објавувањето на овие информации се зголеми вредноста на акциите на компанијата на австралиската берза.

Врз основа на извршените истражувања на локалитетите Рупица и Веовача утврдено е дека во еден тон ископана руда може да се најдат 1,01 грама злато и 120 грама сребро.

Дополнително, истражувањата покажаа дека во еден тон ископана руда има 3,5 отсто цинк, 2,2 отсто олово, 0,3 отсто бакар и дури 23,2 отсто баритна руда.

Вкупната вредност на ископувањето би изнесувала 56,67 долари по еден тон ископана руда. Компанијата Адриатик металс предвидува дека ќе поминат осум месеци од почетокот на експлоатацијата на рудата до првата добивка.

Адриатик металс е компанија со седиште во Велика Британија. Во мај оваа година нејзината истражувачка развојна компанија Естер Мининг од Босна доби дозвола да истражува и ископува злато во рудникот Вареш. На тој начин вредноста на компанијата на берзата преку ноќ се зголеми на околу една милијарда долари.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *